Трансфер-лудило: Расел е замената за Дурент, нови клубови и за Богдановиќ, Роуз, Батлер…

Означувањето на почетокот на преодниот рок за слободни агенти донесе и бројни интересни трансфери во НБА-лигата. Главниот збор во првиот ден го имаше Бруклин со обезбедените потписи на Кевин Дурент и Кајри Ирвинг, на кои ќе им се приклучи и центарот ДиАндре Џордан, договарајќи четиригодишна соработка со нетси за вкупно 40 милиони долари.

Челниците на Голден Стејт експресно реагираа, договарајќи замена за Кевин Дурент. Станува збор за ДиАнџело Расел, кој доаѓа од таборот на Бруклин нетс.

Шпанскиот плејмејкер Рики Рубио ја напушти Јута и се пресели во Феникс санс, а „џезерите“ донесоа нов европски кошаркар во својот табор потпишувајќи договор со Хрватот Бојан Богдановиќ од Индијана, на четири години за вкупно 72 милиони долари.

Њу Орлеанс прави „ремонт“ во тимот по заминувањето на Дејвис во ЛА Лејкерс, па „пеликаните“ денеска потпишаа со искусниот шутер Џеј-Џеј Редик, како и со Италијанецот Никола Мели, кој доаѓа од редовите на Фенербахче.

Искусниот Дерик Роуз реши да ја напушти Минесота прифаќајќи ја понудата за двогодишен договор со Детроит пистонс.

Интересно беше и во Филаделфија, откако Џими Балтер реши да го напушти овој тим и да се пресели во Мајами. Филаделфија се засили со ангажманот на Ал Хорфорд од Бостон, а во тимот по кратка пауза се враќа и Херис, кој потпиша петгодишен договор за неверојатни 180 милиони долари.

Хрватот Марио Хезоња повторно ќе ги промени клупските бои, потпишувајќи минимален договор за две сезони со Портланд.

Најголеми „лузери“ и летово се челниците на Њујорк, кои беа во игра за неколку звучни имиња, но извисија во трката, па на крајот мораа да се задоволат со потписите на Таџ Гибсон и на Боби Портис.

Се вчитува...