Трансфери во Бундес-лигата: Борусија уште посилна, Баерн послаб од лани

Со вечерашниот дуел меѓу Баерн Минхен и Херта ќе биде означен стартот на новата сезона во Бундес-лигата, во која баварскиот гигант повторно ќе ја има улогата на бранител на титулата. Баерн лани во напорна битка успеа да стигне до трофејот пред Борусија Дортмунд, а се очекува истите два тима да бидат во трка и во новата сезона, со таа разлика што Баерн е нешто послаб во однос на лани, додека Борусија уште повеќе ги засоли своите редови.

Баварците ја засилија одбраната со Павар и со Хернандез, но голем проблем им претставуваат крилните позиции. Пропаднатиот трансфер на Сане значително ја искомпликува ситуацијата во потрага по наследници за Рибери и Робен, па ангажманот на Иван Перишиќ беше принудено решение во ситуација кога на пазарот нема премногу екстра-опции. Воедно, не беше доведен врвен втор напаѓач крај Левандовски, а Баерн во тимот ќе го нема ниту Хамес Родригез, чиј договор со Реал Мадрид по двогодишната позајмица не беше откупен.

Во таборот на ривалите, Борусија уште повеќе ги засили крилните позиции во тимот, доведувајќи ги Брант од Баер Леверкузен и Торган Азар од Борусија Менхенгладбах. Овие двајца, надополнети со Ројс, Санчо и Алкасер, дефинитивно ќе бидат кошмар за противничките дефанзивци во текот на сезоната. Покрај овие напаѓачки опции, Борусија ја засили и одбраната со Матс Хумелс, враќајќи го своето „дете“ назад по неколкуте сезони минати во дресот на Баерн Минхен.

БАЕРН МИНХЕН

Дојдоа: Лукас Хернандез (Атлетико М.), Бенџамин Павар (Штутгарт), Иван Перишиќ (Интер)

Заминаа: Матс Хумелс (Борусија Д.), Рафиња (Фламенго), Хамес Родригез (Реал М.), Франк Рибери (без клуб), Арјен Робен (пензија).

БОРУСИЈА ДОРТМУНД

Дојдоа: Јулијан Брант (Баер Л.), Торган Азар (Борусија М.), Матс Хумелс (Баерн М.), Нико Шулц (Хофенхајм), Матеу Мореј (Барселона).

Заминаа: Абду Диало (ПСЖ), Александер Исак (Р. Сосиедад), Шинџи Кагава (Сарагоса), Максимилијан Филип (Динамо Москва), Кристијан Пулишиќ (Челси), Андре Шурле (Спартак Москва), Џереми Тољан (Сасуоло), Омер Топрак (Вердер).

ЛАЈПЦИГ

Дојдоа: Луан Кандидо (Палмеираш), Адемола Лукман (Евертон), Етан Ампаду (Челси), Кристофер Нкунку (ПСЖ), Филип Шаунер (Хановер), Ханес Волф (Салцбург).

Заминаа: Брума (ПСВ Ајндховен), Емил Смит Роу (АРсенал), Џулијан Крал (Келн), Мариус Милер (Луцерн).

БАЕР ЛЕВЕРКУЗЕН

Дојдоа: Надием Амири (Хофенхајм), Керим Демирбај (Хофенхајм), Муса Диаби (ПСЖ), Дејли Синкгравен (Ајакс).

Заминаа: Јан Болер (ЛАСК), Џулијан Брант (Борусија Д.), Доминик Кор (Ајнтрахт), Сем Шрек (Гронинген).

Се вчитува...