ПСЖ е максимално активен на фудбалскиот пазар во последниот ден од преодниот рок, ангажирајќи двајца нови фудбалери, воедно и давајќи зелено светло за заминување на двајца играчи од „Паркот на принцовите“.
Потрагата по нов лев бек конечно заврши, па денеска беше потпишан договор со Хуан Бернат од Баерн Минхен. Откако не се договорија со Атлетико за Филипе Луис челниците на ПСЖ се насочија кон Бернат, договарајќи го трансферот вреден 15 милиони евра.
Покрај Бернат, член на ПСЖ од денеска неочекувано е и Максим Чупо-Мотинг, камерунскиот напаѓач кој доаѓа од Стоук како резерва за Единсон Кавани.
Конечно, од Париз си замина Кевин Трап. Германскиот голман летово беше поврзуван со бројни клубови, неколку опции пропаднаа во последен момент, за денеска конечно да биде договорено неговото заминување од „Паркот на принцовите“. Тој се сели на едногодишна позајмица во Ајнтрахт, а германскиот клуб наредното лето ќе има можност целосно да го откупи неговиот договор со ПСЖ.
Аргентинецот Ло Целсо исто така повеќе не е член на францускиот првак, по договорената позајмица во Бетис. Клубот од Севилја долго преговараше со Барселона за Рафиња, за во последен момент да се премисли и да потпише договор со Ло Целсо.
Денеска нов клуб официјално најде и Хатем Бен Арфа, кој последните години ги мина тренирајќи со вториот тим на ПСЖ и заработувајќи милионски суми во овој клуб. По раскинот на договорот тој долго тактизираше во преговорите со неколку клубови, за на крајот да реши да остане во Франција и да потпише договор со Рен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА