Требаше да биде дерби за титула…Вардар и Шкендија ќе играат за чест и за престиж

Ново дерби меѓу Вардар и Шкендија. Но, сите се надеваа дека ќе биде дерби пресметка која ќе решава за титулата. На девет кола до крајот, Шкендија има огромни 20 бода предност во однос на вардарци и трката е завршена. Останува сега да се игра за чест и за престиж.

Вардар од чудни причини и во куп-пресметката се реши да патува во Тетово со младински состав, па не ја одбрани премногу својата чест. Сега со Бобан Бабунски кој е „унапреден“ во сениорскиот тим, но и со се уште нерасчистени сметки со тренерот Чедомир Јаневски, актуелниот шампион треба да покаже дека не е се загубено во квалитетите на тимот, иако пехарите оваа сезона ќе ги одминат неговите витрини.

Шкендија по одличната игра и убедлив триумф (0-6) над Пелистер, доаѓа разиграна во Скопје, а овој меч поради директен ТВ пренос на Телевизија 24 ќе почне од 15 часот, еден час пред сите останати мечеви.

Скопје по суспензијата на стадионот „Железарница“ ќе му биде домаќин на Силекс во Кичево. Ренова ќе го пречека Работнички во Тетово, Академија Пандев ќе го нагости Шкупи, а во Битола се игра пелагониското дерби меѓу Пелистер и Победа, кое ќе разреши многу дилеми во трката за опстанок.

ПРВА ЛИГА, 28.КОЛО

ВАРДАР – ШКЕНДИЈА (15 Ч.)

РЕНОВА – РАБОТНИЧКИ (16 Ч.)

СКОПЈЕ – СИЛЕКС

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ШКУПИ

ПЕЛИСТЕР – ПОБЕДА 

Се вчитува...