Академија Пандев ја надмина резултатската криза од пет натпревари без победа во домашното првенство, откако во 31. коло го совлада Работнички на домашен терен со 3-1. Тренерот на струмичкиот прволигаш Југослав Тренчовски не го крие задоволството од играта и резултатот против „романтичарите“…
„Победивме квалитетен тим. Момците одиграа како што се договоривме, посебно во првото полувреме во кое поведовме со 2-0. Во вториот дел тие беа подобар противник, успеаја да ја намалат негативата на 2-1, имаа и доста шанси но сепак на крајот успеавме да постигнеме гол за конечна победа од 3-1. Навистина ни значеше триумфот во дербито на колото поради лошата серија која ја имавме изминатите пет кола“ – вели Тренчовски.
„Пандевци“ утре ги очекува заостанатиот дуел од 24. коло против прилепска Победа, на кој како што вели Тренчовски одат на победа како би се осигурало што побрзо третото место на првенствената табела. Па потоа фокусот да биде ставен единствено на финалето од Купот на Македонија против Македонија ЃП кое се игра на 22. мај.
„Одиме на триумф на мечот против Победа со кој 99% ќе го осигураме третото место на табелата и до крај ќе можеме да се фокусираме едиствено на финалето во Купот. Ни недостасуваат четворица фудбалери, последен кој заработи повреда е Ѓорги Стоилов, но фаворитската улога е на наша страна и се надевам дека ќе стигнеме до трите бода“, дополнува Тренчовски.
Академија Пандев следната сезона најверојатно ќе ја претставува Македонија во Европа, а на засилувања за новите предизвици, Тренчовски накратко вели дека е рано за тоа да се зборува, но и дека е задоволен од ростерот со кој моментално располага, бидејќи има млад квалитетен тим кој може на секој да му се спротистави.
„Рано е да се зборува за трансфери кои ќе помогнат во квалификациите во Европа. Јас сум задоволен од ростерот со кој располагам и до крај само размислуваме за освојувањето на третото место и Куп финалето против Македонија ЃП“, вели Тренчовски.
Заостанатиот натпревар од 24. коло во ПМФЛ меѓу Победа и Академија Пандев се игра утре во Турново со почеток од 16 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА