Тренчовски: Фудбалерите се најзаслужни за пролетните успеси на Академија Пандев

Академија Пандев е хит во пролетниот дел од сезоната во Првата фудбалска лига на Македонија. Патот кон речиси извесното финале во Купот на Македонија, го надополнија изминатиов викенд со победата на гостувањето против Работнички со 2-1, по која повторно се вратија на втората позиција на првенствената табела.

Предводникот на тимот од Струмица, Југослав Тренчовски смета дека Академија Пандев својата прва цел опстанок во Првата лига веќе ја исполни, а најзаслужни, пак, за пролетните позитивни резултати се неговите фудбалери.

„Нашата прва цел, опстанок во Првата лига е исполнета. Моите фудбалери се најзаслужни за овие актуелни резултати. Нивната одлична форма беше потврдена и со повикот на пет фудбалери во младата репрезентација на Македонија за турнирот во Турција. Горд сум на тоа што го реализираат на терен во пролетната сезона, и верувам дека ќе продолжиме во ист стил и понатаму“ – вели стратегот на „пандевци“. 

Веќе в сабота Академија Пандев ја очекува дуел против Силекс, екипа која на четири натпревари во пролетниот дел од сезоната се уште нема пораз.

„Силекс е тим кој имаше големи промени во трансфер периодот. Донесоа нови десет играчи и сега играат многу поагресивен фудбал, особено во средниот ред. Ние сме млад тим кој има многу осцилации, но ќе одиме на победа како и на секој друг натпревар“ – додава Тренчовски. 

Натпреварот од 23. коло во ПМФЛ на стадионот „Младост“ во Струмица ќе се одигра во сабота со почеток во 14 часот.

Се вчитува...