Сосема очекувано различно е расположението во таборите на Шкендија и на Академија Пандев по вчерашниот дуел од 17. коло во Првата македонска фудбалска лига во кој славеа струмичани со 0-1.
Сосема заслужено Академија Пандев и го нанесе вториот пораз сезонава на Шкендија, и повторно пред нивните навивачи во Тетово.
„Одигравме под очекувањата. Бевме без решение за одбраната на гостите во поголемиот дел од натпреварот и тоа не чинеше пораз. Сигурно не смее да има опуштање во нашата игра без разлика што претходното коло ја обезбедивме есенската титула, и сигурно не смеат во иднина да ни се повтори таа безидејност во нападот“ – вели тренерот на Шкендија, Ќатип Османи.
На спротивната страна Југослав Тренчовски, пак, не го криеше задоволството од победата со која „пандевци“ ја продолжуваат битката и за водечките две позиции на табелата оваа сезона.
„Одигравме според договореното. Сосема заслужено стигнавме до победата, а мислам дека пресуди пред се нашата одлучност да се стигне до позитивен резултат и максималната посветеност на играта на секој поединец низ сите 90 минути“ – вели Тренчовски.
Од есенскиот дел во шампионатот сега останува уште само последното коло, в недела на 2. декември, кога Академија Пандев го пречекува Вардар, а Шкендија ја очекува градското дерби со Ренова.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА