Тренерите во македонските лиги се менуваат како на ‘филмска лента’: Дури 16 клубови со нови тренери во Првата и во Втората лига!

Започнуваат нови возбудувања во Првата и сега единствената Втора фудбалска лига на Македонија, битка за титулата, излез на меѓународната сцена, борба за опстанок во двете лиги, за пласман во Првата лига, многу желби, многу очекувања како и секогаш кога започнува ново првенство.

Ќе биде навистина интересно, со оглед дека од поодамна не се случило дури 16 клубови во двете лиги да стартуваат со нови тренери, особено во Втората лига. Кој од нив ќе го дочека крајот на првенството, тешко е да се каже бидејќи, како по некоја традиција, барем половината од нив можеби нема да го дочекаат и крајот на есенската сезона.

Со натпреварот меѓу Струга ТЛ и прилепска Победа денеска во Струга стартува новата сезона во ПМФЛ. Од 11 клубови, по откажувањето на Ренова, кои ќе се натпреваруваат во сезоната 2022/23 во елитата, четири стартуваат со нови тренери во однос на минатата сезона. Нови  шефови на стручните штабови во сезоната што почнува  ќе имаат:  Победа (Бобан Бабунски), Работнички (Љупчо Марковски), Шкендија (Артим Шаќири) и Скопје (Славчо Георгиевски). А, Силекс (Горазд Михајлов), Шкупи  (Гоце Седловски), Тиквеш (Влатко Костов), Брегалница (Илчо Ѓоргиоски), Македонија ЃП (Муарем Бајрами) , Струга ТЛ (Срѓан Захариевски) и Академија Пандев (Ѓорѓи Стојчев),  се уште имаат доверба во своите сегашни тренери.

Ѓоре Јовановски

За разлика од Првата, во новоформираната Втора лига од 16 клубови, дури 12 ќе стартуваат со нови тренери, што е  е навистина несекојдневен рекорд. Досегашните тренери ги задржаа само: Вардар (Бобан Грнчаров), Пелистер (Марјан Секуловски), Беласица (Шефки Арифовски) и Гостивар (Октај Дереилоглу). Со нови тренери ќе стартуваа, пак: Кожуф (Ѓоре Јовановски), Караорман (Дарко Крстевски), Тетекс (Бојан Захариев), Слога (Даниел Стојаноски), Воска (Берат Имери), Саса (Иван Варадиновски), Детонит (Горан Здравков), Охрид (Петар Глигоровски), Беса (Амир Велија), Арсими (Бујар Исљами) и Пехчево (Баже Јанакиевски).

Нов тренер ќе има и Борец во Хаџи Стеван Ристиќ, но за неговиот ангажман, никој од клубот не можеше тоа да го потврди, бидејќи многу работи се уште не се расчистени во велешкиот второлигаш, дури некои му ја предвидуваат судбината на Ренова. Надежта е дека тоа нема да се случи, посебно откако пред две години, на прволигашката  полусезона, кога под притисок на некои луѓе Борец го напуштија спонзорот Кочо Анѓушев и тренерот Горазд Михајлов. И тоа во моментот кога беше на прагот да излезе на меѓународната сцена. Потоа велешани испаднаа од Првата лига, а малку требаше  изминатава сезона и од Втората лига.

/М. М./

Се вчитува...