Тренерот и капитенот остануваат во МЗТ Скопје Аеродром

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром и следната сезона ќе биде предводена од досегашниот тренер Ѓорѓи Кочов, додека капитен и понатаму ќе биде репрезентативецот Дамјан Стојановски. Двајцата денеска договорија продолжување на соработката, која само формално ќе биде официјализирана во следните неколку дена. За Кочов ова ќе биде трета сезона која ќе ја почне како прв стратег на четата од „Јане Сандански“, функција на која беше промовиран во првата половина од 2018 година на местото на Жељко Лукајиќ, чиј помошник беше дотогаш. Зад себе има шампионска титула.

Стојановски, пак, се обврза да го носи сино-белиот дрес и во следните две сезони, со што би заокружил цела декада во дресот на „металците“. Дамјан просечно бележеше по 14,8 поени, четири скока и 1,6 асистенции на 22 средби во АБА2 и од 15,3 поени, 4,8 скока и 2,1 асистенции на 15 средби во домашната Прва лига.

Тој досега се има закитено со пет шампионски титули (2013, 2014, 2015, 2016 и 2019 година) и шест трофеи во Купот на Македонија (2007, 2009, 2013, 2014, 2016 и 2018). Во моментов, покрај него, договорна обврска со МЗТ Скопје Аеродром имаат уште и Андреј Магдевски и Бојан Крстевски.

Се вчитува...