Тренерот на Ивановски воодушевен од триумфот во првото коло на Вимблдон: Сите честитки за Калин!

Еден од најдобрите македонски тенисери, Калин Ивановски забележа извонреден старт на јуниорскиот грандслем турнир на Вимблдон, пласирајќи се во второто коло по победата на стартот во два сета, со 7-5 и 7-6, против десеттиот носител, Американецот Дејли Бланш.

Тренерот на македонскиот тенисер, Хрватот Иван Цинкуш не го криеше задоволството од победата на Ивановски, нагласувајќи дека пресудила максималната концентрација на Калин во клучните моменти на мечот.

„Мора да го пофалам Калин за првата грандслем победа на јуниорскиот турнир на Вимблдон. Го отвори мечот малку нервозно, но како одминуваше времето се подобро и подобро играше. Откако го доби првиот сет, продолжи максимално концентрирано и во вториот сет и тоа беше клучно за победата. Концентрацијата во клучните моменти од мечот пресуди за победата. Искрено се надевам дека ќе продолжи и на следните натпревари во истиот стил“ – вели Цинкуш во изјавата за ЕКИПА.

Во второто коло на Вимблдон, Калин Ивановски ќе игра против Литванецот, Едас Бутвилас.

Се вчитува...