Тренерот на Лајпциг со порака: Елмас не е среќен, но мора да биде трпелив

Елиф Елмас пристигна во Лајпциг како големо засилување, но македонскиот репрезентативец никако не успева да се наметне за првотимски статус во новиот клуб, нешто на што инсистираше при заминувањето од НАполи.

Елиф има вкупно десет настапи за Лајпциг, но собра вкупно 169 минути, премалку за играч со неговите квалитети. Јасно е дека македонскиот „дијамант“ е незадоволен, свесен за тоа е и тренерот Марко Росе, кој на прес-конференцијата пред утрешниот дуел со Волфсбург повторно испрати порака до Елмас – дека сите во клубот веруваат во него, но мора да остане трпелив.

„Оние кои играат стандардно се наоѓаат во добра форма, така што како тренер ми е многу тешко за да ги отстранам од првата екипа. Свесен сум и за квалитетите на оние кои не играат. Оваа седмица повторно разговарав со Елиф Елмас, му објаснив дека сите овде веруваме во него, но дека мора да остане трпелив. Јасно е дека тој не е среќен, но мора да почека, сигурно ќе добие шанса“, изјави Росе.

Лајпциг утре ќе го пречека Волфсбург, уште еден меч за кој е најавено дека македонскиот фудбалер ќе стартува од клупата за резерви.

Се вчитува...