Тренерската професија несигурна во Македонија: Во Првата лига сменети 12 тренери, рекордери се Шкендија, Шкупи и Работнички

Годинашново фудбалско првенство на Македонија во Првата лига бележи еден несекојдневен рекорд, по смена на тренери. На речиси половина од шампионатот се сменети дури 12 тренери, со тренд оваа „сеча“ на тренери да продолжи бидејќи се уште има доста да се игра до крајот. Дури и ако не се доигра првенството поради коронавирусот, овој рекорд ќе остане. Тренерската професија стана една од најнесигурните занаети во нашата држава, не само во фудбалот, по него најмногу во ракометот.

Но да се вратиме на нашата тема-фудбалот. Од десетте прволигашки клубови само четири си ги задржаа своите тренери со кои го почнаа првенството, барем досега. Тоа се Вардар (Александар Васоски), Силекс (Горан Симов), Борец (Горазд Михајлов) и Ренова (Бујар Ислами).

И потоа смена на тренери како на филмска лента. Да почнеме со се уште официјалниот шампион на Македонија Шкендија. Стартуваше со Ќатим Османи со кој ја освои минатогодишната титула. Но по неуспесите во европските квалификации го смени, дојде Еркан Селими, но не за долго. На големи ѕвона Шкендија го ангажира наводно големиот стручњак од Албанија Ернест Ѓока, кој по поразите од Борец во гости и Работнички дома, ги спакува коферите и којзнае дали ќе се врати во Албанија. Кој ќе седне сега на клупата на тетовскиот тим, се уште не се знае, прекин е во првенството поради коронавирусот, и не се брза многу.

Работнички го почна првенството со младиот Александар Влахо, но за жал по неколку несреќни порази и нереализирани пенали кои придонесоа за тоа, беше сменет, екипата ја презеде неговиот помошник Марјан Андревски, но беше јасно дека тој нема капацитет за тоа. Се покажа исправна одлука за неговата смена со ангажирањето на познатиот стручњак од Србија Ратко Достаниќ. Тој ги препороди „романтичарите“, од веќе отпишаните и први кандидати за испагање, со неговото доаѓање на стартот на пролетното првенство направија бум со три последователни победи и сега се со големи шанси да го задржат прволигашкиот статус.

Со смена на тренери се прослави и Шкупи. Почна со познатиот турски тренер Умит Каран, но мораше да се врати во Турција само по неколку кола поради некои судски одлуки, го замени неговиот сонародник Булент Аким, но и тој не за долго. По отказот во Шкендија, на Чаир се појави Ќатип Османи. По се изгледа жешка е клупата на Шкупи, па и тој по неколку порази доби отказ . Сега екипата ја води времено Муарем Бајрами, но Шкупи е во потрага по нов тренер.

Македонија почна со својот стар тренер Александар Таневски со кој играше и во финалето на купот и во квалификациите за Лига на Европа, за жал мораше да си замине бидејќи почна да „чкрипи“ во екипата со слаби резултати во новото првенство. На неговото место беше ангажиран поранешниот тренер на Пелистер Наџи Шенсон, но и тој немаше резултати кои се очекуваа од него. Сега на потег е новиот тренер Жикица Тасевски.

Останаа уште две екипи што ги сменија тренерите. По освојувањето на Купот на Македонија и одличните првични резултати во новото првенство, се нанижаа порази на Академија Пандев и тоа го плати тренерот Југослав Тренчевски кој поднесе оставка препуштајќи му го местото на поранешниот тренер на Македонија Ѓорче Петров, Александар Таневски.

Истата судбина ја имаше и тренерот на новиот прволигаш Струга Трим, Јетон Беќири. Имаше успешна есенска сезона, но пролетната почна катастрофално за неговиот тим и отказот беше неминовен. Сега Струга Трим ќе ја води новиот тренер, познатиот македонски фудбалер Срѓан Захариевски.

М.Мицковиќ

Се вчитува...