Треневски: Респект за Ренова…Костов: Работнички е секогаш силен…

Работнички и Ренова денеска во 17 часот на стадионот во Ѓорче Петров ќе го отворат новиот шампионат во Првата лига со меѓусебен дуел, кој се чини дека ќе трае и низ текот на целата сезона, во трка за излез на европска сцена. „Романтичарите“ и оваа сезона забележаа одредено европско искуство, но сега фокусот е комплетно на прволигашките искушенија што претстојат.

„Подготовките завршија, време е за почеток на првенството. Мислам дека имавме еден добар баланс, од настапите во Европа, кон приодот за домашниот шампионат. На стартот е секогаш тешко, а за нас можеби најтежок противник во моментов е токму Ренова, со Влатко Костов на кормилото. Еден добро балансиран тим, кој знае што сака на секој натпревар, и сигурно се вбројува во екипите кои заедно со нас, со Пелистер и со Силекс, и во новата сезона ќе се борат за излез во Европа. Но, подготвени сме, верувам во своите фудбалери и очекувам една добра фудбалска претстава, со надеж дека ние на крајот ќе се радуваме“, вели шефот на стручниот штаб на Работнички, Виктор Треневски.

Ренова од друга страна немаше европски обврски, па целиот фокус го стави на подготовките за првенството. Новиот тренер Влатко Костов, кој се врати на местото на успехот, се надева дека тимот ќе прикаже добри игри во новата сезона. За денешниот меч ќе го нема на располагање Рамзифаик Селмани.

„Подготовките ги одработивме според планираното, а резултатите ќе покажат колку било тоа успешно. Се беше подредено на настапот во првенството кај нас, и сега сме пред првиот чекор. Му гостуваме на Работнички, кој е секогаш силен ривал, и ќе се обидеме да оствариме позитивен резултат. За нас тоа би било и реми, со оглед дека ќе гостуваме“, истакнува Влатко Костов, тренерот на Ренова.

Се вчитува...