Треневски: Се враќаме во својот дом, како мотив повеќе за триумф над Академија Пандев

Работнички во рамките на 7. коло од Првата македонска фудбалска лига денеска од 15:30 часот го пречекува тимот на Академија Пандев, по подолг период конечно како домаќин на арената „Филип Втори“.

Поради презафатеноста на нашиот најголем стадион, „романтичарите“ и европските мечеви, а и досегашните натпревари од Првата лига ги играа на други стадиони, и сега конечно се создадени услови за враќање на „Филип Втори“. Тоа треба да биде еден поттик повеќе за четата на Виктор Треневски и за добра игра и позитивен резултат на мечот против Академија Пандев.

„Речиси пет месеци немаме играно на арената „Филип Втори“. Сега конечно се враќаме на нашиот најголем стадион, тоа е нашиот вистински дом и се надевам дека тоа ќе биде дополнителна мотивација за фудбалерите. По триумфот против Победа сега очекувам позитивен импулс да покажеме и на овој нареден меч. Академија Пандев е нов прволигаш, но веќе покажа дека е добро организиран клуб и дека има солиден состав. Сепак, ние сме насочени кон нашите сили и можности и верувам дека враќањето на „Филип Втори“ ќе го одбележиме со позитивен резултат“ – вели тренерот на „романтичарите“, Виктор Треневски.

Нигерискиот напаѓач Чарлс Чинеду Гофри, кој на мечот со Победа во Прилеп се запиша и меѓу стрелците, очекува „романтичарите“ да продолжат во истиот ритам.

„Остваривме триумф на минатиот меч во Прилеп, и се надевам дека во ист ритам ќе продолжиме и на денешниот меч. За мене ќе биде прво појавување на најголемиот стадион и се надевам дека ќе го паметам по убаво. Посакуваме нова победа, сите сме максимално фокусирани на тоа. За мене лично, ова е едно големо искуство, дојдов во Македонија да се наметнам со своите игри и да напредувам како фудбалер. Одлично сум прифатен во Работнички и верувам дека од натпревар во натпревар ќе играме се подобро, затоа што сепак е ова еден нов тим, на кој му треба малку време за да се воигра“, вели нигерискиот напаѓач.

Академија Пандев, пак, за Скопје отпатува со низа проблеми во играчкиот кадар. Атанасковски е суспендиран, Марков нема да игра поради повреда, а под голем знак прашалник се Дориев и Стоилов за чиј настап ќе се одлучува непосредно пред почетокот и конечниот збор ќе го има тренерот Панче Стојанов.

Главен судија на денешниот натпревар меѓу Работнички и Академија Пандев ќе биде Димитар Мечкаровски, а ќе му помагаат Дејан Неделкоски и Гоце Петревски од Скопје. Четврти судија е Дарко Стојчевски (Скопје). Делегат на овој натпревар е Гоце Шопоски (Струга), а за контролор на судењето е одреден Ванчо Костенчев (Скопје).

ПРВА ЛИГА – 7. КОЛО (денеска, 15:30 ч.)

Скопје: РАБОТНИЧКИ – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ

Битола: ПЕЛИСТЕР – ВАРДАР

Кратово: СИЛЕКС – ПОБЕДА

Скопје: СКОПЈЕ – ШКЕНДИЈА

ВЧЕРА

Тетово: РЕНОВА – ШКУПИ 0-0

Се вчитува...