Трет пораз за Вардар, Ренова е во налет

Лидерот Вардар доживеа пораз од 2-0 на гостувањето кај Ренова во Тетово. Тоа е прв пролетен неуспех за „црвено-црните“, но и трета победа за „гипсарите“ кои се во очигледен налет. По триумфот над Шкупи на Чаир, успеаја да го совладаа и составот на Александар Васоски. Вардар останува на првата позиција со 43 бода, а Ренова е се поблиску до средината на табелата во Првата лига.

Домашниот тим поведе во шестата минута. Миовски беше соборен во шеснаесетникот од голманот Гачевски, а Арџент Гафури успешно ја реализираше најстрогата казна. Се заканија вардарци преку Аврамовски, но без ефект, а на полувреме Ренова замина со минимална предност.

Во 56.минута, Матеј Цветаноски имаше одлична шанса за израмнување, излезе сам пред противничкиот голман, но шутираше за малку крај дирекот.

Шест минути подоцна втор пенал за Ренова. Повторно Миовски беше во акција, стартуваше над него Евгениј Новак и беше покажана најстрога казна. Повторно успешен реализатор беше Гафури за водство од 2-0. До крајот на мечот, Вардар се обиде да постигне погодок прекиу Цветаноски и Аврамовски, но не успеа, а бодовите останаа во Тетово.

Се вчитува...