Трета пролетна победа за Работнички, падна и Академија Пандев (ФОТО)

Работнички е во пролетна офанзива на собирање бодови, ја оствари третата пролетна победа во четири кола, совладувајќи го составот на Академија Пандев со 1-0 со голот на Виктор Велкоски во 56.минута. Себастијан Херера нафрли од слободен удар, Велкоски беше најснаодлив во позиционирањето во шеснаесетникот, шутираше во пад и успеа да го совлада гостинскиот голман Чубраковиќ. Останува мал сомнеж дали при изведувањето на слободниот удар на Херера, можеби Велкоски беше во недозволена ситуација.

Новиот тренер Александар Таневски не успеа веднаш да го извлече тимот на Академија Пандев од кризата.

Силниот дожд не дозволи допадлива игра на арената „Тодор Проески“, двете екипи внимаваа да не направат грешка која би била кобна, а првата закана ја имаше Петар Петковски во 30.минута. Сепак, шутираше силно и непрецизно. Дориев ја имаше најдобрата шанса за Академија Пандев, но голманот Дамјан Шишковски беше побрз и добро реагираше на крајот од првиот дел.

По третиот пролетен триумф, Работнички се искачи на осмата позиција на табелата со 25 бода. Академија Пандев има три повеќе на петтото место, но и долг период не знае за успех во шампионатот.

Се вчитува...