Трета рунда од финалето: МЗТ е подготвен за шампионска прослава

МЗТ Скопје вечерва (20.15 часот) ќе го пречека Работнички во третиот финален натпревар од плејофот, дуел на кој „металците“ ќе ја имаат првата шанса за враќање на титулата назад во Аеродром. Победите на првите две средби, надополнети со сериозните проблеми со повреди што ги има противникот, го прават МЗТ апсолутен фаворит и на денешниот дуел. Тренерот Ѓорѓи Кочов сепак ги предупредува своите избраници дека никако не смее да дојде до опуштање и потценување на противникот.

„Ништо не е готово, пред нас е уште една тешка битка против ривал што е квалитетен. Мораме да играме најдобро што знаеме за да стигнеме и до третата победа“ – истакна Кочов.

На спротивната страна, Марин Докузовски повторно нема да може да смета на Мираковски и на Караџовски, кои се повреди на претходните две средби, па Работнички со максимално истенчен ростер ќе го игра и вечерашниот дуел.

„Јас и пред ова финале реков дека МЗТ Скопје е фаворит поради квалитетот на играчите, но пред се поради подолгата клупа што ја има нашиот ривал. Тоа никако не значи капитулација без борба, ние сме Работнички и ќе сториме се за да го изненадиме противникот, иако повредите дополнително ја компликуваат нашата ситуација“ – изјави Докузовски.

Се вчитува...