Трета среќа, Црвена звезда конечно победи во Евролигата

Кошаркарите на Црвена звезда во третиот натпревар пред своите гледачи сезонава, конечно дојдоа до првата победа во Евролигата.
„Црвено-белите“ беа подобри од Анадолу Ефес со 77:72 во меч кој го одбележа и повредата на најдобриот стрелец во историјата на Евролигата, Мајк Џејмс.

Џејмс во третата четвртина во момент кога беше сам пред својот кош, тргна во напад но падна и според начинот на кој падна, медиумите шпекулираат дека станува збор за тешка повреда, односно повреда на Ахиловата тетива.

 

 

Првата четвртина ги исплаши навивачите во Белградска „Арена“ да не бидат сведоци на уште пораз на нивните миленици, бидејќи кошаркарите на Анадолу Ефес беа подобри и првиот период го решија во своја корист со 19:21. Во втората четвртина, „црвено-белите“ предводени од Џордан Нвора кој постигна 10 поени, успеаја да направат пресврт и на одмор да заминат со предност од 37:36.

Третата четвртина помина во израмнета игра, двете екипи се менуваа во водство, по што беше јасно дека во последната четвртина ќе се реши се. Во неа, првиот удар го зададе Црвена звезда која по тројката на Батлер поведе со 63:55, но гостите не се предаваа и на 37 секунди до крајот по поените на Малколм намалија на 73:71. Во следниот напад Картер погоди две слободни фрлања со кои стави крај на сите дилеми околу победникот.

Чима Монеке со 18 поени и седум скока ја предводеше листа на стрелци кај Црвена звезда каде се истакнаа и Нвора со 12 и Картер со 11 поени. Кај Анадолу Ефес, Лојд даде 15, Стразел и Шариќ по 13 поени, а несреќниот Џејмс до повредата постигна 11 поени.

Се вчитува...