Третолигашка доминација: Кит-Го веќе се подготвува за Втората лига (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Екипата на Кит-Го од Пехчево е убедливо најдоминантната екипа оваа сезона во целокупната третолигашка конкуренција.

Првопласираниот тим во Третата лига – Исток бележи тотална доминација не само во својот регион, но заедно со Детонит јуниор од Третата лига – Југоисток, и единствената екипа која е без пораз во досегашниот тек од натпреварувањето меѓу вкупно 71 екипа колку што се дел од домашните третолигашки натпреварувања.

Сосема очекувано, без поголеми проблеми тимот на Трајче Сенев и во изминатово викенд коло убедливо на својот стадион во Пехчево славеше со 5-1 против делчевска Брегалница Голак, со по два гола на капитенот Мартин Димоски и офанзивецот Бобан Мариќ и еден прекрасен погодок со шут од околу 30 метри на младиот Владимир Дујовски. По 16 кола, Кит-Го со 15 победи и само едно реми и гол разлика од 69-9 е на врвот во Третата лига – Исток, со 19 бода предност во однос на второпласираната Кежовица.

Сосема е јасно дека од следната сезона Кит-Го, за првпат во својата клупска историја, ќе биде новиот македонскиот второлигаш. Од раководството на клубот, креирајќи идеални услови за целокупната активност на тимот, како што велат, веќе од сега комплетно се насочени кон што подобра подготовка за настап во вториот по квалитет домашен шампионат.

Во останатите третолигашки региони, во Третата лига – Север во битка за првото место се Гоблен јуниор и ССК Нова со еден бод разлика на врвот, во Третата лига – Запад за првото место се борат Вардари и Генч Калемлер, на Југозападот најдобри по 16 кола се Кораби и Фљамуртари, во Третата лига – Центар во водство е Партизан Обршани и на Југоистокот убедливо на лидерската позиција е Детонит јуниор од Радовиш.

Се вчитува...