Три четвртини битка и фуриозна завршница за триумф на МЗТ над Гостивар

МЗТ Скопје Аеродром е во победничка серија во домашното кошаркарско првенство. По стартниот пораз од Блокотехна, МЗТ врза три последовни успеха откако во дуелот од четвртото коло, вечерва во „Јане Сандаски“ го победи Гостивар со 97-81.

Гостивар имаше одличен почеток на натпреварот, само по половина од воведната четвртина имаше двоцифрена предност (8-18), најмногу благодарение на одличниот шут од далечина. Во овој период Ивица Димчевски погоди четири тројки, до крајот од полувремето имаше пет. Гостиварци имаа и максимални плус 11 во текот од првата четвртина, воведните 10 минути ги добија со 25-17.

Вицепрвакот во втората четвртина успеа да ја стопи предноста и до првото израмнување на натпреварот дојде на 45 секунди пред паузата. На полувремето беше минимални 48-47 за Гостивар.

Третата четвртина донесе неизвесност и бројни промени на водството. МЗТ презеде иницијатива и со серија од 15-5 успеа да се одлепи на максималните до тој момент 70-63. Но, следуваше експресен одговор на Гостивар кој врза осум последовни поени во финишот од третата и почетокот на последната четвртина и внесе нова доза на неизвесност. Сепак Гостивар подзастана во тој момент, а МЗТ комплетно ја презеде контролата на натпреваот, влезе во нова поентерска серија (14-1) и веќе во 35 минута од средбата дојде на 13 поени предност, 84-71.

Гостивар потоа буквално потона во финишот од средбата, МЗТ рустински ја зголемуваше предноста се до конечниот убедлив триумф.

Во вторто полувреме, кај МЗТ проработе шутот од далечина кој беше нефункционален во првиот дел. Само една тројка имаше МЗТ во првото полувреме и уште 11 во второто полувреме.

Лестер Медфорд го предводеше МЗТ до триумфот со 18 поени, капитенот Дамјан Стојановски постигна 17 поени, Андреј Магдевски имаше 12, а Андрија Бојиќ 11.

Кај Гостивар, Џозеф Фустингер имаше 21 поен, по 17 запишаа Ивица Димчевски и Диме Тасовски.

МЗТ со биланс 3-1 е на третото место на табелата зад Работнички и Блокотехна. За Гостивар ова е втор сезонски пораз и е на седмото место на табелата.

Се вчитува...