Пер Јохансон нема да остане на клупата на ЧСМ Букурешт за наредната сезона. Шведскиот тренер кој во романскиот тим дојде како замена за Хеле Томсен пред крајот на сезоната, ја одбил понудата од раководството на ЧСМ Букурешт. Образложението на Јохансон под чие водство ЧСМ Букурешт го освои третото место на годинашниот Ф4 турнир од Лигата на шампионите во Будимпешта, е дека сака да и се посвети на селекторската функција во репрезентацијата на Црна Гора и на своето семејство.
“Разговаравме со раководството на клубот и јас им кажав дека сакам да останам тука, но веќе имам договор со Црна Гора од претходно и сакам да се посветам максимално на таа работа. Исто така, моето семејство не може да дојде тука во наредната сеозна, а јас не сакам да бидеме одвоени. Главна причина за мојата одлука е семејството, но и тоа што многу го почитувам договорот со Црна Гора. Невозможно е во исто време да се исполнат обрските и таму и тука на највисоко ниво“ – изјави Јохансон за романските медиуми.
ЧСМ Букурешт е третиот тим од големата четворка што настапи годинава на Ф4 турнирот од женската Лига на шампионите, што ќе има тренерска смена на крајот на сезоната. Шпанецот Амброс Мартин по шест години ја напушта клупата на европскиот шампион Ѓер со кој освои четири европски титули. Од следната сезона Амброс Мартин ќе го предводи Ростов Дон, а Ѓер го преземе неговиот помошник Дањи Габор.
Рускиот тим сезонава дебитираше на Ф4 турнирот под водство на Французинот Фредерик Бужан. На крајот на сезоната Бужан ќе му го отстапи местото на Амброс Мартин, а тој ќе го преземе женскиот тим на Нант.
Промени ќе има и кај ЖРК Вардар кој на Ф4 во Будимпешта годинава по втор пат настапи во финалето. За разлика од другите три екипи учеснички во завршницата од ЛШ, промените кај Вардар се најголеми бидејчи европскиот вицешампион на крајот на сезоната, го менува целиот тим. Раководството на Вардар одлучи да го распушти актуелниот интернационален состав и од следната сезона да продолжи со млади домашни ракометарки. Тоа пак најверојатно ќе значи откажување од настапот во ЛШ, а сигурно и промена на клупата на која сезонава беа Ирина Дибирова и Роберто Парондо. Шпанецот од следната сезона ќе биде ангажиран како прв тренер во машкиот состав на Вардар, а Дибирова официјално се уште не соопштила дали и понатаму ќе остане тренер во Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА