Три клуча за победата: Со „џинот“ нема шега, Кугис е подобар од Гедбан…

Што му требаше на Порто, да го налути Вардар со добра игра во првото полувреме, па во вторите 30 минути да мора да ја почувствува моќта на актуелниот европски шампион. Македонскиот првак и летово беше „на ремонт“, затоа и осцилациите во играта на стартот на сезоната се многу логични, но она што е најважно е што и под водство на Писонеро „вардарци“ играат најдобро кога е најважно, наоѓајќи противигра за она што ќе се покаже како клуч на противникот во одреден дел од натпреварот.

Предупредувањата дека Порто не е наивен тим се покажаа вистинити, Португалците одиграа фантастично прво полувреме, но откако им беа отсечени пивотите дури и во „седум на шест“, дојде и пресвртот, а со него и победата.

Кугис ги спушти „ролетните на голот“

На голот на Вардар повторно стартуваше Гедбан, но Кугис беше џокерот од клупата што донесе пресврт. Со одлична интервенција го отвори второто полувреме, внесе несигурност меѓу португалските ракометари, па потоа до крајот на мечот одбрани бројни зицери. За одбрана на круната на „црвено-црните“ ќе им биде неопходен достоен наследник на Милосављев, а Кугис поседува многу поголем потенцијал за такво нешто од Гедбан.

Казна за „седум на шест“

Писонеро се мачеше во првото полувреме, Вардар губеше со 14-16, но Португалците голем дел од тие 16 погодоци ги постигнаа од контранапад, казнувајќи ја секоја грешка на противникот. На полувремето дефинитивно беше најден „лекот“, не само што Вардар престана да греши, туку со агресивна одбрана ги натера на тоа противниците. Дибиров и Шишкарев во кариерата сигурно немаат постигнато толку погодоци во празна мрежа, на што очигледно било ставен акцент како одговор за ризичната тактика „седум на шест“ на противникот.

„Џинот“ Криштопанс е незапирлив

Русите ги погодија клучните голови без голман, но Криштопанс беше човекот кој го одржуваше Вардар во игра кога не одеше најдобро, а потоа постигна неколку погодоци и за време на фуриозниот пресврт во второто полувреме. „Џинот“ дефинитивно е незапирлив во ЛШ и оваа сезона, клучен играч како во нападот, така и во одбраната, околу кого се вртат сите работи во таборот на „вардарци“.

Се вчитува...