Три причини зошто Фетел ќе падне пред Хамилтон

Двојниот светски шампион, Мика Хакинен издвои три причини што му даваат предност на Луис Хамилтон пред Себастијан Фетел во битката за шампионската титула во Формула 1. Финецот смета дека Ферари сезонава има подобар болид од Мерцедес, но и покрај тоа во битката за титулата му дава предност на Хамилтон.

„Ферари имаат најбрз болид во Формула 1 во моментов, но Луис Хамилтон има 30 бода предност во генералниот пласман. Никој не може да каже дека Луис е во водство затоа што Мерцедес има предност. Тој е лидер затоа што тимот му врши добра работа“ – вели Мика Хакинен.

Поранешниот шампион ги истакнува трите работи што го издвојуваат Хамилтон од другите возачи.

„Прво, Луис има природен талент, особено на влажна патека, така што тој ќе успее да го разочара Ферари во викендите со дожд. Второ, Луис има исклучителни натпреварувачки способности и не прави грешки како што прави Фетел, особено на стартот. И трето, тој има фантастично тимско партнерство со Валтери Ботас. Двата Мерцедеси го победија Ферари дома затоа што од самиот старт беше јасно дека Ферари има двајца возачи што се натпреваруваат еден со друг, а Мерцедес има возачи што работат во тандем“ – потенцира Хакинен.

Викендов на распоредот е Ф1 трката во Сингапур. На седум трки до крај, Хамилтон е во водство во генералниот пласман со 30 бода повеќе од Себастијан Фетел. Британецот на патеката „Марина Беј“ ќе се обиде да ја зголеми предноста што ќе го доближи до петтата шампионска титула со која би се изедначил со легендарниот Хуан Мануел Фанџо.

Се вчитува...