Три работи што мораат да се подобрат против Чешка

ЕКИПА во Виена,

Стеван Цаневски

На големите натпреварувања најважни се бодовите, а триумфот над Украина значеше важен чекор кон остварување на примарната цел – влез во втората рунда од овој европски шампионат. Сепак, на селекторот Брестовац и на ракометарите им е јасно дека Чешка е многу посериозен ривал од Украина, а по вчерашниот пораз од Австрија, Чесите утре ќе играат „на нож“, свесни дека нов неуспех ќе значи и нивно пакување на куферите.

Низ годините имаме одиграно бројни натпревари против нив, ги знаеме предностите и слабите страни, но клучно за нас ќе биде – Македонија да одигра како што знае и умее. А тоа e најмалку едно ниво погоре од прикажаното против Украина.

1. Реализација со играч повеќе на теренот

Македонија во првото полувреме дури 12 минути беше со ракометар повеќе на теренот, по шесте исклучувања што ги добија украинските репрезентативци. Ефикасноста во овој период беше поразителна, само еден гол во вкупно 12 минути, период во кој имавме и промашен пенал, нереализиран цепелин, но и пробивање, загубена топка… Против Чешка ќе мора многу, многу подобро од овој аспект.

2. Контранапад, што беше тоа?

Во ситуација кога против себе имавме „бавна и корпулентна“ репрезентација, за очекување беше да се искористи брзината на нашите крилни ракометари. Изненадувачки, Македонија само првиот гол на натпреварот го постигна од таква ситуација, за потоа во преостанатите 59 минути од средбата да не направиме ниту еден контранапад.

Манасков го заврши мечот со шест гола (три од пенал), додека Георгиевски постигна два погодоци од крило, а имаше и две промашувања од својата позиција.

3. Бековите да преземат одговорност

Кире Лазаров е капитен и лидер на оваа репрезентација со години наназад, но тој мора да ја добие неопходната помош од Талески и од Кузмановски. Интернационалците од Бундес-лигата веќе не се млади, имаат искуство од големите натпреварувања и треба да земат дел од одговорноста, пред се во завршницата, а не само да бараат начин да му ја додадат топката на капитенот.

Талески го заврши синоќешниот дуел со шут 3/7, Кузмановски 1/2, а Танкоски во добриот настап во првото полувреме постигна еден гол, но во вториот дел набрзина имаше две загубени топки и експресно се врати на клупата.

Се вчитува...