Тричковски дојде до бројката од 200 меча за АЕК: Да освојам титула со АЕК Ларнака па ќе се пензионирам

Македонскиот напаѓач Иван Тричковски во одлична форма игра во дресот на АЕК Ларнака сезонава, вчера во победата над Паек од 3-0 постигнувајќи го во шест натпревари својот седми погодок во кипарскиот шампионат.

Популарниот Тричко го запиша и 200. натпревар во дресот на АЕК Ларнака притоа истакнувајќи и кога планира да стави крај на кариерата откако пред неколку денови потпиша и нов договор до 2024 година.

„Се чувствувам навистина посебно во овој клуб. Тука сум шест години, запишувајќи 200 натпревари. Вчерашниот гол и победа се еден вид подарок за сите и по потпишувањето на новиот договор со клубот. АЕК е мој втор дом и навистина се чувствувам прекрасно тука. Кога ќе ја освојам титулата со АЕК ќе кажам дека мојата должност тука завршила па ќе може да се пензионирам“ – истакнува Тричковски.

Се вчитува...