Тричковски и Кире Ристевски, поради повреди, нема да патуваат за Грузија

Иван Тричковски и Кире Ристевски поради повреда нема да бидат во комбинација за настап на натпреварот во Тбилиси против Грузија, кој Македонија го игра во вторник (8. септември) во 2. коло од Лигата на нации.

Напаѓачот во македонската репрезентација, Иван Тричковски има поголем хематом на левата надколеница (m. Vastus lateralis), додека дефанзивецот Кире Ристевски има истегнување и хематом на адукторот на десниот бут поради што нема да биде во можност за настап на натпреварот, и нема да патува со екипата за Грузија.

Претходно, како што е познато, од првичниот список уште пред дуелот со Ерменија отпаднаа голманот Столе Димитриевски и фудбалерот од средниот ред, Даниел Аврамовски.

Натпреварот меѓу Грузија и Македонија од 2. коло во групата Ц од Лига на нации се игра во вторник со почеток од 18 часот во Тбилиси.

Се вчитува...