Тричковски: Знаеме како се победува во Израел…

ЕКИПА во Израел, 

Никола Ѓуровски

Иван Тричковски е фудбалерот што се наоѓа во најдобра голгетерска форма од сите македонски напаѓачи, откако искусниот репрезентативец во голем стил ја почна и новата сезона во дресот на АЕК Лимасол. Со тоа, Тричковски сериозно се наметнува и за улога на стартер на претстојниот двомеч со Израел и со Летонија.

„Се наоѓам во добра форма, се чувствувам добро и полн со самодоверба бидејќи одиграв одлични средби во текот на летото. Како во клубот, така и во репрезентацијата – секогаш сум на располагање да помогнам со она што го знам и умеам кога ќе добијам шанса за настап“ – истакнува Тричковски.

Тој со респект гледа на селекцијата на Израел, но и верува дека ако Македонија одигра на високо ниво, може да стигне до позитивен резултат.

„Се ќе зависи од нас и од нашиот квалитет, иако мораме да го респектираме Израел, кој е квалитетна репрезентација, посебно кога игра на домашен терен. Пред две години одигравме добро и остваривме триумф во оваа земја, што ни дава за право да се надеваме на сличен исход и на следниот натпревар“ – оптимист е Иван Тричковски.

Се вчитува...