Трилер-завршница: Франција се врати од „минус два“, па промаши пенал за победа

Франција и Шведска одиграа без победник, 28-28, во дерби-дуелот од третото коло од женскиот ракометен турнир на ОИ во Токио, меч што беше супер-драматичен до самиот крај. Швеѓанките влегоа во мечот по двете импресивни победи над Шпанија и над Русија, беа на чекор до триумф и денеска, но на крајот се доведоа во ситуација да спасуваат бод.

Французинките беа подобри во првото полувреме, имаа и предност од пет гола (14-9), но Шведска успеа да се врати. Скандинавките го контролираа мечот во вториот дел, но падот во концентрацијата во завршните три минути придонесе да ја прокоцкаат предноста од 28-26. Франција не само што се врати, туку во последната секунда имаше и пенал за победа. Сепак, голманката Риде го одбрани и третиот француски седмерец во низа, осигуувајќи Шведска да остане на чело на табелата во оваа група.

Стромберг постигна седум гола и беше најефикасна во шведскиот табор, четири реализираше Робертс, додека Фопа со четири погодоци беше најефикасна во француската репрезентација.

Се вчитува...