Трипл-дабл на Мекиќ во триумфот на Пелистер

Пелистер триумфираше на гостувањето против вториот тим на МЗТ Скопје со резултат 77-86, во последниот натпревар од осмото коло во кошаркарскиот шампионат. Мечот се одигра со задоцнување поради настапот на младите „металци“ на јуниорскиот турнир од АБА-лигата во Задар, каде македонскиот тим за малку не обезбеди учество на завршниот турнир. Во главна улога беше Адем Мекиќ, кој го предводеше својот тим до триумф со трипл-дабл од 21 поен, 12 скокови и 11 асистенции.

Охрабрени по добрите игри на турнирот, избраниците на тренерот Крстевски сосема солидно им парираа на „пелистерци“. На полувреме се замина со водство на гостите од Битола од 39-45, за битолчани во третата четвртина да стигнат и до двоцифрена предност и на крајот заслужено да се радуваат на победата.

Репрезентативец Адем Мекиќ одигра извонреден натпревар, за 23 минути на теренот остварувајќи трипл-дабл од 21 поен, 12 скокови и 11 асистенции. Казарновски постигна 19, а Пенов 18 поени за Пелистер, додека кај вториот тим на МЗТ Скопје најефикасни беа Митевски со 15 и Мамузиќ со 14 поени.

Се вчитува...