Трите главни оружја на Вардар: Одбрана, Циндриќ… и секако Штербик!

Вардар е подготвен за предизвикот што го носи фајналфор турнирот во Келн, „црвено-црните“ се враќаат на местото на успехот каде лани испишаа своја историја, а сега ќе се обидат да додадат и европско остварување – како прв тим што две години по ред успеал да ја освои „Ланксес арена“. Задачата не е нималку лесна, но македонскиот првак поседува и квалитет и искуство за да одговори на предизвикот.

Од бројните „оружја“ што ги поседуваат „црвено-црните“, издвојуваме три кои ќе бидат од клучно значење во денешната битка со Монпелје.

„Црвено-црн ѕид“ за противниците

Раул Гонзалес низ годините создаде неверојатен колектив чија главна сила се гледа во фанатичната одбрана која на моменти делува како „ѕид“ што противниците никако не успеваат да го минат. Абутовиќ со години наназад е вистински командант со играта во дефанзива, но Вардар сезонава изгледа уште помоќно откако Раул многу почесто ја користи формацијата 5-1, најчесто со Канелјас како најистурен во зоната кој ги исфрла од ритам противничките бекови. По потреба во таа улога добро се снаоѓа и Дибиров, а во одредени делови од мечот „вардарци“ застануваат во својата омилена зона 6-0, која со Штербик на голот знае да ги откаже противниците.

Лука Циндриќ

Хрватскиот ас за неколку години во Вардар се наметна како дел од европската елита на позицијата среден бек. Лани го постигна голот за победа во полуфиналето против Барселона, беше одличен и во финалето со ПСЖ, што само му даде самодоверба да продолжи во ист стил и во текот на оваа сезона.

Против Кил беше добро затворен за шут, но затоа одлично ги вработуваше пивотите, кои постигнаа бројни лесни погодоци на негови асистенции. За Вардар да има шанси за одбрана на титулата неопходно е Циндриќ да биде на своето вообичаено ниво.

Арпад Штербик

За него не се штедат комплименти, Штербик и сезонава е главен адут на „вардарци“, играчот кој го запира налетот на ривалот кога на тимот не му оди најдобро и кој дава крилја да се тргне во нова серија. Брани извонредно цела сезона, одбрани клучен шут при „минус три“ во Кил, потоа и шут за израмнување на реваншот во Скопје… Најдобриот голман што некогаш бил дел од македонски клуб си заминува летово, но претходно сака уште една круна со Вардар.

Се вчитува...