Триумф над Грузија носи и џек-пот од 9,25 милиони евра

Косово е минато, а по двата октомвриски дуели од Лигата на Нации сите погледи ќе се насочат кон историскиот меч во Тбилиси против Грузија. Ривалот со кој минатиот месец ремизиравме ќе стои на патот до славата на Пандев, Барди, Елмас и останатите македонски асови, кои со синоќешниот триумф стигнаа на само еден чекор до историскиот успех – пласман на Европското Првенство.

Добро познато е дека УЕФА секогаш богато ги наградува сите учесници на континенталните собири, a премиите дополнително пораснаа за овој европски шампионат.

Конкретно, победа над Грузија и пласман на ЕП 2021 ќе значи и 9.25 милиони евра како „џек-пот“ на сметката на Фудбалската Федерација на Македонија. Ова е сумата што ќе ја добијат сите учесници на ЕВРО 2021, а на неа се додаваат „бонуси“ во зависност од резултатите на репрезентациите – секоја победа вреди 1,5 милиони евра, секое реми 750.000 евра, а пласман во следната рунда носи и дополнителни два милиони евра.

Веќе е познато и со кого би играле „црвено-жолтите“ доколку ја совладаат Грузија, нашата репрезентација би се нашла во група со Холандија, Австрија и Украина.

Се вчитува...