Триумфален старт во Лигата на нации – Бодовите ќе се бројат, играта нема да се памети!

Македонската репрезентација, согласно посакувањата, со победа против Ерменија од 2-1 (2-0) ги стартуваше натпреварите во Ц лигата од Лигата на нации. И покрај неубедливото издание, на какви не навикнаа минатата година, избраниците на Игор Ангеловски дојдоа до посакуваните три бода, и единствено тоа е најважно на стартот од Лигата на нации.

Уште во 2. минута пенал за Македонија. Алиоски од корнер кратко проигра со Адеми кој нафрли пред голот на Ерменците, каде беше соборен Елиф Елмас во воздушниот дуел. Па, во 5. минута Езгијан Алиоски прецизно стрела за водство од 1-0.

Во продолжението Ерменците веднаш поотворено кон голот на Шишковски, па во 9. минута одлично шутираше од 15 метри Харојан, но над голот.

Во 15. минута одлично се закани и Бобан Николов на спротивната страна, со шут од околу 18 метри, но за малку покрај левиот дирек од гостинскиот гол.

Ерменците продолжија во обидите да дојдат до израмнување, во неколку наврати се закани Карапетјан, но Шишковски одличен на голот на Македонија.

Во 35. минута, убав шут и на Алиоски од десната страна директно од слободен удар, но одбрани гостинскиот голман спречувајќи дуплирана предност за македонската репрезентација. И во 36. минута, повторно пенал за Македонија. По нафрлањето од десната страна на Ристовски, повторно соборен во воздушен дуел Елиф Елмас. А, овој пат прецизен од белата точка Илија Несторовски за 2-0 на полувремето.

Во второто полувреме, агресивен старт на Ерменците кои во бранови напаѓаа пред македонскиот гол, но Шишковски убаво интервенираше по обидите на Карапетјан и Бабајан спречувајќи погодок во 52. и во 58. минута. И нововлезениот, поранешен фудбалер на Вардар, Тигран Барсегјан во 65. минута непрецизно шутираше од убава позиција.

Ерменците не реализираа уште една одлична можност во 74. минута откако Бабајан од само неколку метри зачудувачки шутираше покрај голот, а во 76. минута по конечно добро изработена акција на македонската селекција, Барди убаво шутираше од 18 метри но над голот на Јурченко.

До крајот, Ерменците само заслужено стигнаа до почесен погодок. И со трет пенал на мечот, овој пат за Ерменија, Барсегјан со удар од 11 метри во судиското продолжение ги постави само конечните 2-1.

ЛИГА НА НАЦИИ – Ц ЛИГА (1. КОЛО)
МАКЕДОНИЈА – ЕРМЕНИЈА 2-1 (2-0)
Национална арена „Тодор Проески“, Скопје. Главен судија: Ирфан Пељто (БиХ). Стрелци: Алиоски 5′(п), Несторовски 37′(п) (М); Барсегјан 90’+4 (Е). Ж. картони: Алиоски, Муслиу (М), Харојан, Хамбарџумјан (Е).
МАКЕДОНИЈА: Шишковски, Ристовски, Муслиу, Велковски, К. Ристевски (71′ Спировски), Адеми, Николов (75′ Трајковски), Барди, Алиоски, Елмас, Несторовски (62′ Пандев)
Селектор: Игор Ангеловски
ЕРМЕНИЈА: Јурченко, Калисир, Хамбарџумја, Харојан, Григорјан, Вбејмар, Бајрамјан (46′ Барсегјан), Корјан, Ховханисјан, Карапетјан, С. Григорјан (46′ Бабајан)
Селектор: Жоакин Капарос

Се вчитува...