Триумфот во Рига ни го отвора европскиот хоризонт: Пандев и Барди ја суредија Летонија

ЕКИПА во Летонија,

Никола Ѓуровски

Фудбалската репрезентација на Македонија со многу важна победа (0-2) се враќа од Рига која ги зголемува шансите за пласман на ЕВРО 2020. Сега Македонија има осум бода и во последните четири кола ќе биде во сериозна трка со селекциите на Австрија, Словенија и на Израел. Капитенот Горан Пандев и Енис Барди стрелаа во првото полувреме за рутински триумф (0-2) на Македонија против Летонија. Имавме шанси и за многу поубедлив триумф во Рига.

Првата сериозна можност ја имаше Македонија во осмата минута. Пандев со долга топка го проигра Иван Тричковски, тој одлично ја прими, шутираше, но домашниот голман одбрани и исфрли во корнер.

Капитенот Горан Пандев го проби бедемот на Летонците во 14.минута. По акцијата на Елиф Елмас по левата страна, тој беше проигран во шеснаесетникот, и со прецизен удар ја погоди мрежата на Андрис Ванинс.

Само три минути подоцна, Енис Барди со удар од 20 метри уште еднаш стрелаше на вистинското место и Македонија брзо потврди дека е дојдена за триумф во Рига.

Во 29.минута се закани Летонија. Мартинш Кигурс си ослободи позиција за удар, шутираше од 20 метри, но над голот на Македонија.

Елиф Елмас имаше убава можност за трет погодок, продре по левата страна, но шутираше непрецизно. По ова не реализираше и Тричковски, а во 42.минута Горан Пандев излезе сам пред голманот Ванинс. Сепак, тој успеа да го спречи да постигне гол.

На стартот на вториот дел, Енис Барди се обиде од слободен удар од 17 метри, но шутираше директно во противничкиот голман. Се обиде и Горан Пандев, но Ванинс повторно одбрани.

Во 83.минута, Гутковскис имаше шанса, но шутираше над голот.

До крајот, Македонија без проблеми го одржа водството и забележа значајна победа со која сега се надева и на пласман на ЕП 2020.

Не е така далеку ниту второто место во групата, иако сега следат дуелите со најквалитетните ривали.

ЛЕТОНИЈА – МАКЕДОНИЈА (0-2)

Стадион „Даугава“. Гледачи. 1.000. Судија: Еспен Ескас (Норвешка). Стрелци: Пандев 14′, Барди 17′ (Македонија). Ж. картони: Камешс, Максименко, Икауниекс, Ругинс (Летонија), Бејтулаи, Барди, Адеми (Македонија).

ЛЕТОНИЈА: Ванинс, Ругинс, Черномордијс, Максименко, Петерсонс, Лајзанс, Кугурс (75′ Пункулс), Камешс (84′ Сабала), Икауниекс, Гутковскис, Улдрикис (46′ Савалниекс).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Бејтулаи, Велковски, Муслиу, Алиоски, Барди, Адеми, Пандев (76′ Николов), Елмас (88′ Радески), Тричковски, Трајковски (65′ Несторовски).

 

Се вчитува...