Трка за вајлд-карта: Работник и Металург со иста желба како и Кил, Нант, Монпелје…

Вицешампионот Работник и освојувачот на Купот на Македонија, Металург, аплицираа до ЕХФ за добивање на вајлд-карта во Лигата на шампионите, но шансите за такво нешто се мали со оглед на силната конкуренција да се стане дел од елитното европско натпреварување.

Европската куќа на ракометот денеска го објави списокот на сите екипи кои покажале интерес да станат дел од ЛШ во наредната сезона. Системот на натпреварување е идентичен како и во претходните три сезони, во ЛШ ќе се натпреваруваат вкупно 28 екипи, од кои две групи од по осум тима во „елитните групи“ А и Б, и две групи од по шест тима во Ц и Д, групите кои квалитативно се далеку зад оние од самиот врв.

Пријави до ЕХФ испратиле 35 екипи од 21 различна земја, од кои 20 екипи се актуелни прваци на своите земји според ранг-листата на европската куќа на ракометот. Тука е македонскиот и европски првак Вардар, потоа Веспрем, Кјелце, Барселона, Флесбург, потоа Загреб, Брест Мешков, Мотор Запорожје, Бешикташ, Кокс…

Што се однесува до екипите кои бараат вајлд-карта бидејќи не биле прваци во своите земји, тука Металург и Работник имаат жестока конкуренција. Во игра се Кире Лазаров со Нант, Филип Кузмановски со Магдебург, поранешниот европски првак Монпелје, како и екипите на Пик Сегед, Кил, Висла Плоцк, Кристијантад, Спортинг Лисабон…

ЕХФ ќе ја објави конечната листа на учесници во ЛШ по состанокот на Извршниот Комитет закажан за 21 јуни. Доколку Металург и Работник не добијат вајлд-карта за Лигата на шампионите, тогаш двете македонски екипи ќе бидат дел од ЕХФ-Купот.

Се вчитува...