Трофејот е пак во „Градски парк“: Работнички е нов шампион на Македонија!

По цели шест години доминација на домашната кошаркарска сцена, МЗТ Скопје го препушти пиедесталот назад на најтрофејниот македонски клуб Работнички кој со победа од 87-84 и во третиот меч од финалната серија, со вкупни 3-0, по девет години го врати трофејот пак назад во „Градски парк“.

Мечот почна „фуриозно“ за МЗТ Скопје кој одлично стартуваше добивајќи ја првата четвртина со 16-25, благодарение на одличната игра во одбраната и доминацијата на Лалиќ под обрачите. Работнички тешко се враќаше во игра, па и во вториот период гостите го контролираа резултатот заминувајќи на полувремето со предност од осум поени (40-48).

Во второто полувреме, очигледно Марин Докузовски се одлучи за промени во одбраната на својот тим кои вродија со плод. Далеку поцврсто во дефанзивата, агресивно на секој обид на противникот, Работнички стартуваше да ја намалува предноста на „металците“.

И, конечно за триумфот на домашните во „Градски парк“ пресуди последниот период од играта. Работнички стартуваше со серија од 7-0 по што го презеде водството на мечот. Во продолжението домашните кошаркари беа тие кои постојано го контролираа резултатот за предност и од 71-66 на пет минути пред крајот. Во игра кош за кош во следните минути, на две минути пред крајот се дојде до само еден поен позитива за Работнички (78-77).

Во драматичен финиш во последната минута, Дамјан Стојановски заработи петта лична грешка а од слободни фрлања Бугаринот Чавдар Костов донесе 80-77 за домашните. Во следниот напад Нешовиќ, пак, реализираше две слободни фрлања за 80-79, а на спротивната страна Николовски погоди едно слободно фрлање за 81-79. На 26 секунди пред крајот, Караџовски погоди за 83-79, за да на спротивната страна Нешовиќ со три слободни фрлања го донесе МЗТ Скопје до 83-82. И, во пенал завршница Гинјард и Костов реализираа за конечна победа на Работнички од 87-84, и стигнувајќи до 15-та шампионска титула во Македонија.

Најефикасни во триумфот на Работнички беа Чавдар Костов со 19 поени, Караџовски со 17 поени и Робинсон со 13 постигнати поени. Гинјард запиша 12 поени, а Чековски мечот го заврши со 11 поени. Кај МЗТ Скопје, Бојиќ имаше 17 поени, Дамјан Стојановски – 16 поени а Лалиќ заврши со 15 поени.

Се вчитува...