Трофејот останува во семејството Душебајев?

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски, Игор Паневски

Алекс Душебајев денеска (18 часот) го игра својот последен натпревар во дресот на Вардар. Трансферот во редовите на Кјелце е договорен уште пред извесно време, но Душебајев уште при самиот потпис на тој договор гласно потенцираше дека огромна желба му е претходно да ја освои титулата во ЛШ како член на Вардар.

„Веќе ја кажав својата желба, со трофејот од Лигата на шампионите да се збогувам од Вардар. Минав бројни прекрасни моменти во овој тим и дефинитивно тоа би бил идеален начин да се каже збогум. Ни самите не бевме свесни што направивме на тој дуел со Барселона, но сега сме насочени само кон финалето со ПСЖ“ – истакна Алекс Душебајев по големиот триумф над каталонскиот гигант.

Доколку Вардар успее, тоа ќе значи и дека титулата европски првак ќе остане во семејството Душебајев, откако таткото Талант лани се искачи на врвот на Лигата на шампионите како тренер на Кјелце. Алекс е во постојат контакт со Талант, кој ќе му биде и тренер во новиот клуб и не крие дека ги слуша советите од трофејниот стручњак.

Дали сум го послушал татко ми? Засега е добро, но да видиме како ќе биде на финалето“ – низ насмевка коментира Алекс Душебајев, еден од главните адути на Вардар во ова големо финале.

Се вчитува...