Тројна радост во една вечер за ПСЖ: Потпис со Мбапе, победа над Мец и прослава на титулата среде Париз (ВИДЕО)

Фановите на ПСЖ уште долго ќе ја паметат оваа вечер, откако успеаа да го обезбедат потписот на Килијан Мбапе, да остварат победа над Мец од 5-0, и да ја кренат титулата по одличната сезона во Франција.

Откако објави и официјално дека е потпишан нов договор со ПСЖ, Килијан Мбапе го реши тимот на Мец за неполни 4. минути игра.

Мбапе го отвори мечот во 25. минута, а веќе во 28. минута донесе водство од 2-0. Нејмар го постигна третиот гол за ПСЖ во 31. минута, резултат со кој се замина на пауза. Во вториот дел Мбапе успеа да запише „хет-трик“ во 50. минута. Ди Марија од „Паркот на Принцовите“ се прости со гол во 67. минута за конечен резултат на овој меч.

После една година пауза, титулата во француска Лига 1 се враќа во Париз, во редовите на ПСЖ. Парижаните ја оправдаа улогата на огромни фаворити, и не ја направија истата грешка од лани, кога сензационален првак стана тимот на Лил, и му ја украде титулата на очекуваниот освојувач.

По ова коло и официјално е позната табелата во француската лига.

Олимпик Марсеј го искористи киксот на Монако и со убедливиот триумф над Стразбур (4-0) го освои второто место и со тоа директно се пласира во Лигата на шампионите.

Жерсон со два гола беше предводник на тимот од „Велодром“ на оваа средба. Екипата од кнежевството прими погодок во 96. минута кај Ленс (2-2) и ќе мора да игра квалификации, ако сака да се надигрува со најдобрите екипи во Европа.

 

 

Се вчитува...