Во натпревар без резултатско значење, а со многу пресврти, Реал Мадрид успеа да слави против Црвена Звезда во Белград со 79-82 во 29. коло од Евролигата.
„Црвено-белите“ останаа без шанси за пласман во Топ 8, додека „кралскиот клуб“ си обезбеди учество во втората фаза од Евролигата па затоа и мечот беше единствено за престиж и надигрување.
Црвена Звезда повеќе се чуваше за мечот во понеделник кога во мајсторката од плеј-офот во АБА лигата ја пречекува екипата на Морнар, но и покрај тоа успешно парираше на Реал Мадрид кој во неизвесна завршница стигна до победата од само три поени.
Македонскиот кошаркар Перо Антиќ поради повреда на скочниот зглоб не настапи на мечот на кој најефикасен во редовите на Црвена Звезда беше Ален Омиќ со 23 поени, дополнети и со 9 скока, додека кај Реал Мадрид предводеше Лука Дончиќ со 21 поен и 9 скока. 14 поени постигна Фелипе Рејес а со 11 поени мечот го заврши Томпкинс.
Исто така во резултатски безначаен натпревар, Жалгирис кој како осмопласиран обезбеди место во Топ 8 фазата, славеше со 85-73 на домашен терен против водечката екипа во Евролигата, ЦСКА Москва.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА