Цел Кил ќе игра за 50% помали плати во новата сезона

Голманот на Кил, Никлас Ландин, во интервју за данските медиуми обелодени дека сите членови на „зебрите“ се согласиле на намалување на платата во висина од 50% за да го спасат клубот од огромни финансиски проблеми. Германскиот гигант има значително намалени приходи поради играњето пред празни трибини и намалувањето на дел од спонзорските договори.

„Клубовите имаат огромни проблеми, но мислам дека Кил е еден од оние кои се најпогодени бидејќи вообичаено има најголеми приходи од домашните натпревари. Имавме намалени плати во последните четири месеци од ланската сезона, а воедно се договоривме и да играме за 50% помали плати во новата сезона. Чудно е да мора да се задоволиш со половина од платата што си ја договорил, но меѓу нас играчите владее огромно единство и сакаме да му помогнеме на клубот во овие тешки времиња“, истакна Ландин.

Според данските медиуми, Ландин во договор со Кил заработува околу 270.000 евра по сезона, а со намалувањето најдобриот голман на денешницата ќе мора да се задоволи само со 135.000 евра годишно или околу 11.000 евра месечна плата.

Се вчитува...