Цел Веспрем е негативен – Манасков оди на Ф4 во Келн

Дејан Манасков ќе биде единствениот македонски претставник на фајналфор турнирот во Келн што ќе се одржи в понеделник и вторник, како завршница на ракометната Лига на Шампиони за сезоната 2019/2020. Веспрем попладнево објави дека се пристигнати резултатите на сите ракометари и членови на стручниот штаб по последното тестирање на Covid-19, сите се негативни, по што унгарскиот првак комплетен ќе настапи на теренот на „Ланксес Арена“.

ЕХФ ги укина осминафиналните и четвртфиналните натпревари, доделувајќи им директен пласман на тимовите кои беа на првите две позиции во групната фаза. Ова значи дека битката за европскиот трон, на кој се уште се наоѓа Вардар, во Келн ќе ја водат Веспрем, Кил, Барселона и ПСЖ. Со ждрепка беа одредени полуфиналните двојки, па прв ривал на Манасков и Веспрем во понеделничкото полуфинале ќе му биде германскиот првак Кил.

Манасков не добиваше шанса на последните натпревари на Веспрем, но се очекува македонскиот репрезентативец да биде значаен адут на тренерот Дејвис во клучните битки за тронот на ракометна Европа.

Се вчитува...