Центарски маки за селекторот Давитков

Македонската кошаркарска репрезентација денеска ќе отпатува за Приштина, каде утре против Косово ќе го стартува новиот претквалификациски циклус за Евробаскет 2021. Противникот е добро познат, пред една година „црвено-жолтите“ претрпеа пораз во истата сала во која утре ќе излезат на мегдан со Косово, а главоболка за селекторот Давитков се повредите на двајца стандардни кошаркари.

„Сконцентриран сум на нашата игра, но за жал не можеме да минеме без повреди. Дефинитивно сме без Симоновски и Мекиќ, а во текот на вчерашниот ден воопшто не тренираа ниту Хендрикс и Трајковски. Американецот се жали на болка во грбот, додека Трајковски се мачи со тетивата, ќе видиме вечерва дали ќе бидат во можност да тренираат во Приштина, но се надевам дека ќе можат да ни помогнат на утрешниот натпревар“ – изјави Давитков за ЕКИПА пред тргнувањето за Приштина.

Селекторот воедно го објави и списокот од 12 кошаркари кои ќе патуваат за Косово, па од оние кои тренираа во изминатите денови од комбинација отпаднаа Пајиќ, Маслинко и Кире Николовски.

Се вчитува...