Циндриќ: Најтешко ми беше во Металург, а чудото со Вардар се доживува еднаш во животот

Лука Циндриќ е еден од оние ракометари кои својата фантастична кариера ја лансираа токму во Македонија, со оглед на фактот дека Хрватот уште на 20-годишна возраст беше донесен во Металург од страна на Лино Червар. Хрватскиот стратег го препозна потенцијалот на младиот бек кој дотогаш настапуваше во Карловац и му овозможи да заигра во Лигата на Шампионите. Така почна блескавиот пат на кариерата на сегашниот ас на Барселона, кого и покрај добиената шанса за промоција за Металург не го врзуваат убави спомени.

„Најтежок дел од кариерата ми беше кога се судев со Металург барајќи исписница. Беше лудно, лоша атмосфера, немаше пари, не земав плата, а се бараше отштета. Сите други добија исписници освен мене, не знам од кои причини. Половина година бев без клуб, што беше многу стресен период за мене. Потоа потпишав за Вардар, влегов во таа авантура со уште поголема желба, спортски инает… Морам да го истакнам и одличниот тренер Раул Гонзалес, крај кого напредував многу“, открива Циндриќ во интервју за net.hr.

Тој се потсетува и на најголемиот успех во својата кариера, освоената европска титула со Вардар. Човек на одлука во полуфиналето беше токму Циндриќ, кој со гол со звукот на сирената ја турна на колена „големата Барселона“.

„Тоа беше меч на кој ги исполнив своите соништа, сите кои ме познаваат знаат колку многу навивам за Барселона, а тој ден токму јас го дадов голот со кој ја елиминиравме Барса од ЛШ. Секое дете кое тренира спорт сонува еден ден да даде гол во последна секунда од натпревар, мене тоа ми се случи во полуфиналето во Келн, и тоа против мојот омилен клуб. Чувството до ден денеска не можам да го опишам, таа ноќ не можев да заспијам од возбуда. Она што го доживеав со Вардар тој викенд во Келн, таква работа ти се случува еднаш во животот“, вели Циндриќ.

Се вчитува...