Циркусот Вардар продолжува: Бабунски разрешен, Васоски ќе го води тимот против Пјуник!

На само три дена пред реванш натпреварот од 1. квалификациско коло за Лигата на Европа, Вардар се одлучи да го разреши шефот на стручниот штаб Бобан Бабунски.

Уште една „циркус-акција“ сервирана од раководството на Вардар на само неколку денови пред европски натпревар, од каде информираат дека дуелот со ерменски Пјуник ќе го води досегашниот асистент Александар Васоски.

„Фудбалскиот клуб Вардар денеска донесе одлука за разрешување на досегашниот шеф на стручниот штаб Бобан Бабунски, и тој повеќе нема да ја води екипата на „црвено-црните“. Бабунски дојде на тренерското место во април оваа година на местото на Јаневски, го предводеше тимот во финишот од минатата сезона, и во првиот квалификациски натпревар од Лигата на Европа. На Бабунски му се заблагодаруваме на досегашната соработка, и му посакуваме многу успех во иднина. Екипата против Пјуник ќе ја предводи досегашниот асистент тренер Александар Васоски, со истиот стручен штаб како до сега. По завршување на натпреварот во четврток, фудбалскиот клуб Вардар ќе донесе одлука кој ќе ја предводи екипата во иднина“ – се вели во официјалната информација од ФК Вардар.

Нешто слично се случи и минатата сезона Гоце Седлоски беше разрешен на само два дена пред натпреварите со Фенербахче. Тогаш беше именуван Чеде Јаневски, но и Јаневски издржа само седум месеци на чело на „црвено-црните“ кога беше заменет токму од Бабунски.

Се вчитува...