Црна Гора како „генералка“ пред ЕП 2020

Македонската ракометна репрезентација вечерва во 19.30 часот во Словенија ќе го одигра последниот контролен натпревар во пресрет на ЕП 2020, а ривал на избраниците на Данило Брестовац ќе им биде Црна Гора. И двете селекции во последните два дена загубиј од домаќинот Словенија, Црногорците вчера настрадаа со преубедливи 37-22, што ќе биде само мотив повеќе да се прикажат во далеку подобро светло против Македонија.

Нашиот национален тим пред два дена загуби од истиот ривал со 33-28, меч на кој многу работи не функционираа како што треба во играта на Македонија. На тој натпревар не настапи капитенот Кире Лазаров, кој би требало да одигра триесетина минути против Црногорците, во „генералката“ во пресрет на европскиот шампионат.

„Логично е да се кријат голем дел од тактичките замисли, не само ние, туку и сите учесници на европскиот шампионат. Црна Гора е противник по мерка за еден ваков пријателски натпревар, но наша цел е да влеземе максимално подготвени во првиот дуел од ЕП против Украина“ – изјави селекторот Брестовац.

Одбраната функционираше многу слабо по излегувањето на Велко Маркоски на дуелот со Словенците, а сега кога е јасно дека специјалистот за дефанзива нема да игра на ЕП 2020, стручниот штаб ќе мора да најде „план Б“ за неговото отсуство да не остави преголема трага.

Ракометарите и по вечерашниот натпревар ќе останат во Словенија, каде ќе одработат уште неколку тренинзи. Тие ќе отпатуваат за Виена на 9 јануари, еден ден пред дуелот со Украина.

Се вчитува...