„Црно-белите“ ја најдоа замената за Смит – Крис Тавиа е нов кошаркар на ТФТ

Освојувачот на Купот на Македонија за 2021 година, ТФТ го официјализираше и четвртото странско засилување за новата сезона. Станува збор за Крис Тавиа, британски центар со европско искуство кој треба во целост да го замени Амир Смит.

Дваесетиосумгодишникот висок 208 сантиметри во Македонија доаѓа од Лондон Лајонс со кој настапуваше и во ФИБА Еврокупот, а претходно бележи настапи и за романскиот Феникс Галаци, естонскиот Рупла, белгискиот Спиру, австрискиот Оберварт и чешкиот Храдец.

Денеска ТФТ ја продолжи соработката и со Георги Зафиров со што тимот полека го привршува екипирањето за престојната сезона и настапот во квалификациите за Лигата на Шампиони на ФИБА и АБА2. Како потсетување, претходно минатогодишниот полуфиналист го засилија Борјан Стојановски, Дамјан Крстевски, Тревор Џасински, Трент Батрик и Донован Доналдон, а од претходната сезона остануваат и Страхил Николов, Виктор Ташовски и Александар Костоски.

Се вчитува...