Црно му се пишува на Вардар: „Минус четири“ на полувреме во Веспрем

Вардар ќе мора да прикаже многу подобра игра во второто полувреме ако сака да го изненади Веспрем, откако македонскиот првак по првите 30 минути губи во Унгарија со 21-17. Самиот резултат доволно говори за текот на мечот, пред се за катастрофалното издание во одбраната на избраниците на Кокшаров, кој ќе мора многу подобро да ги советува своите избраници во обид да се стигне до позитивен резултат на жешкиот терен во Веспрем.

Почетните минути минаа во знакот на „вардарци“, кои имаа минимално водство од 0-1, потоа и 1-2, 2-3 и 3-4.  Веспрем сепак успеа да ја стабилизира одбраната, по што домашниот тим влезе во одлична серија и веќе во 12. минута поведе со убедливи 9-5, принудувајќи го Кокшаров да побара тајмаут.

Веднаш по тајмаутот домаќините заработија две исклучувања во наредните три-четири минути, но Вардар не успеа да го искористи тоа. Одбраната претставуваше проблем, па Кокшаров се реши и за голманска рокада, внесувајќи го Кугис на местото на индиспонираниот Гедбан. Веспрем во неколку ситуации имаше „плус пет“, Вардар преку Кристопанс намали на 13-10, а потоа во серија влезе Дибиров, кој со својот петти погодок намали на 15-13.

Нилсон беше вистински кошмар за одбраната на „вардарци“, пивотот со шестиот погодок го доведе Веспрем во водство од 18-15, следеа грешки на македонскиот првак што домаќинот ги искористи за пак да дојде до „плус пет“, за Дибиров со гол пред самиот крај на полувремето да ги постави конечните 21-17.

Се вчитува...