Црвена Звезда ќе ја почне одбраната на трофејот во АБА-лигата со домашниот дуел против МЗТ Скопје, а новиот тренер Влада Јовановиќ се соочува со сериозни проблеми со ростерот на „црвено-белите“ на стартот од сезоната.
Најголемото летно засилување, Немања Недовиќ, се уште е во аут по повредата обновена за време на Евробаскет и дефинитивно нема да може да настапи против „металците“. Покрај него во тимот нема да биде ниту Добриќ, кој го повреди скочниот зглоб на последната контрола со Олимпијакос, како и центарот Петрушев, кој не тренира откако се пожали на болка во грбот за време на подготовките на Кипар.
Јасно е дека дури и без овие тројца одлични кошаркари „црвено-белите“ се големи фаворити, а тренерот Јовановиќ порачува дека неговиот тим ќе биде со максимално сериозен пристап против МЗТ.
„Нашите амбиции се добро познати, играме на домашен терен и сакаме да победиме. Сакаме да го наметнеме нашиот ритам од самиот старт и да одиграме добар меч пред нашите навивачи. МЗТ е тим што сериозно се засили со искусни кошаркари и ние дефинитивно ќе влеземе со максимален фокус и респект за противникот, без никакво опуштање“, истакна Јовановиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА