Црвена Звезда на „колена“: Будуќност е новиот владетел во АБА лигата!

Црногорскиот Будуќност е новиот владетел во АБА лигата откако успеа да слави во финалната серија против Црвена Звезда со 3-1 во победи. Во четвртиот натпревар кој се играше во Подгорица по нова драма во „Морача“, Будуќност победи со 77-73, доаѓајќи до конечни 3-1 во серијата. Сето тоа за прва титула во регионалното натпреварување и учество во Евролигата следната сезона.

Во крајно возбудливиот натпревар во пеколот во „Морача“, Црвена звезда на 80 секунди пред крајот имаше и предност од 68-70. Но, потоа следеше неверојатна серија на домашните од 9-3 за само 60 секунди, за конечен триумф од 77-73.

Најефикасен во победничкиот тим беше Гордиќ со 18 поени, а Ивановиќ запиша 17 поени. Кај Црвена Звезда, која играше без Перо Антиќ кој е повреден, најдобар беше Рочести со 14 поени и 7 скока.

На мечот му претходеше и голема тензија надвор од теренот откако претседателот на Црвена Звезда, Небојша Човиќ истакна дека неговиот тим нема да го игра денешниот натпревар.

„Црвено-белите“ се одлучиле на ваков чекор поради големиот број лоши одлуки на судиите во третиот натпревар од финалната серија. Потоа следеа реакции и од Будуќност, но на крајот Црвена Звезда се одлучи сепак да го игра мечот. Играше и загуби!

Се вчитува...