Црвена Звезда на пенали елиминирана од Омонија во ЛШ

Српскиот првак Црвена Звезда доживеа елиминација од Лигата на шампионите откако на Кипар по изведување пенали загуби од Омонија со 4-2. Голманот Фабијано ги одбрани шутевите од белата точка на Диего Фалчинели и на Милош Дегенек. Сите фудбалери на Омонија беа прецизни при реализацијата на пеналите. Омонија патува во плејофот за пласман во ЛШ и ќе игра против Олимпијакос, а Црвена Звезда ќе продолжи во плејофот од Лигата на Европа.

Во регуларниот тек, а и по продолженија, пресметката на Кипар заврши со резултат 1-1. Омонија дојде во водство во 31.минута, откако голманот Милан Борјан лошо реагираше по корнерот од десната страна, а Михаел Лифтнер ја затресе мрежата на „црвено-белите“. Но, Црвена Звезда се врати резултатски во игра со погодокот на Мирко Иваниќ во 45.минута. Немаше голови во второто полувреме, а ниту во продолженијата, по што пенал-рулетот решаваше за патникот во следната рунда од квалификациите во Лигата на шампионите. Тоа е тимот на Омонија.

 

Се вчитува...