Црвена Звезда остави срце на терен, но не беше доволно за чудо во Барселона

Барселона славеше со 85-79 над Црвена Звезда во вечерашната евролигашка пресметка, сведувајќи ги на теорија шансите на АБА-шампионот за пласман во четвртфиналето од елитното европско натпреварување. „Црвено-белите“ настапија без Недовиќ и Добриќ, одиграа максимално храбро и во големи периоди му парираа целосно на големиот фаворит, но загубија здив во клучните моменти.

Лазаревиќ е трагичарот на Црвена Звезда откако српскиот кошаркар промаши зицер под кошот при „минус два“ на нешто повеќе од две минути до крајот. Барселона го искористи тој подарок, веќе во следниот напад успеа да се одлепи резултатски преку Јокаитис и на крајот стигна до победата. Миротиќ и Весели постигнаа по 21 поен за каталонскиот гигант, додека најефикасен кај Црвена Звезда беше Кампацо со 24 поени и пет асистенции.

Супердраматично беше на германското дерби меѓу Баерн Минхен и Алба, што гостите од Берлин го добија со поените на Ветцел на една секунда до крајот, со конечни 75-76. Ло, кој асистираше при победничките поени, беше најдобар стрелец на Алба со 16 поени, додека Винстон со 14 поени и 8 асистенции беше главна фигура во таборот на Баерн при вечерашниот пораз.

Се вчитува...